Во Барселона не може без скандали – и работниците на Камп Ноу работат илегално
Според „Ел Периодико“, дури 79 работници од Турција немале валидна документација потребна за работа во Каталонија. Работниците биле ангажирани преку „Екстрим Воркс“, подизведувач ангажиран од Барселона за одредени фази од работата. Инспекторатот изрече казна од 1,09 милиони евра, што е дополнителна казна на постојните санкции против неколку подизведувачи вклучени во проектот за реконструкција, кои вкупно изнесуваат повеќе од три милиони евра.
Истрагата беше започната на 25 септември, откако еден синдикат поднесе жалба. Неколку турски работници случајно открија, кога се враќале дома на одмор, дека не се регистрирани и немаат потребна документација - и покрај тоа што работеле на градилиштето до една година. По контактирањето со синдикатот, биле покренати судски постапки, што довеле до посета на локацијата од инспекциските служби. Ова го поби тврдењето на „Екстрим Воркс“, кој претходно тврдеше дека „само неколку работници имале нецелосна документација“.
Според медиумските извештаи, во обид да избегне последици, работодавачот дури и отпуштил дел од работниците и организирал нивно враќање во Турција. Казната дополнително го компромитира проектот за реновирање на стадионот на Барса, кој од самиот почеток е проследен со одложувања, пречекорување на трошоците и критики за условите за работа.
Барселона се врати на Камп Ноу по 909 дена со победа од 4-0 над Атлетик Билбао, но работата зад реконструкцијата фрли голема сенка врз импресивниот камбек.