Обрадовиќ со емотивно писмо ја потврди оставката - легендата замина од Партизан!

Најдобриот кошаркарски тренер, Жељко Обрадовиќ денеска се раздели со Партизан, тој поднесе оставка која ја потврди со емотивно писмо до јавноста.

Обрадовиќ реши да преземе одговорност за лошите резултати оваа сезона и по вчерашниот висок пораз од Панатинаикос реши да поднесе оставка.

Со емотивно писмо тој се раздели од навивачите и се заблагодари на сите кои на некој начин биле поврзани со клубот во изминатите години.

„Почитувани навивачи на Партизан, 

Пред четири и пол години се вратив во мојот сакан клуб и тргнав заедно со вас да го живеам најубавиот сон. Имав желба и цел нашиот Партизан по 10 години повторно да биде дел од Евролигата, успеавме сите заедно во тоа. Натпреварите на нашиот сакан клуб станаа нешто повеќе од кошарка, благодарение на вас кои сте најзаслужни за тоа. За жал, дојде момент кога морав да преземам одговорност за сите лоши работи кои се случија оваа сезона и да поднесам неотповиклива оставка.

Сакам да им се заблагодарам на луѓето кои помагаа на нашиот клуб сите овие години, претседателот на клубот и на сите членови на Управниот одбор, на сите луѓе од работната заедница на клубот, како и на сите спонзори.

Многу сум благодарен на сите играчи кои беа со нас овие четири и пол години, членовите на мојот стручен штаб (многу пати истакнував, најдобриот кој сум го имал) и секако голема благодарност на сите навивачи на Партизан!

Благодарам за безрезервната поддршка, почитување и љубов која ми ја дававте сите овие години во секоја прилика!

Секогаш еден од вас, вечно благодарен!“, напиша Жељко Обрадовиќ.

Фото: ЕПА