МЗТ Скопје се коцкаше, ама пак лесно дојде до бодовите во Кавадарци!

Екипата на МЗТ Скопје дојдоа до уште една победа во македонската Супер лига, откако попладнево, со далеку подобра игра од противникот, како гости го совладаа тимот на Тиквеш (85-82).

Аеродромци беа доминантни од самиот почеток, во третиот период дојдоа и до плус 19 (59-40), по што дојде до преголемо опуштање во сино-белиот табор. Кавадарчани тоа максимално го искористија и со серија 18-3 (58-62) ја вратија неизвесноста во натпреварот. „Металците“ веќе на почетокот на последниот период повторно обезбедија двоцифрена предност, но тоа не го спречи домашниот тим да дојде дури и до шанса за целосен пресврт. Кошаркарите на Тиквеш си серија 9-0 во последните минути намали на само три поени (82-85), а дури беа во напад да изедначат. Петар Бошалески беше фаулиран по што ги промаши двете слободни фрлања за крај на надежите за изненадување.

Илајџа Мекејден и Чарл Гил со по 17 поени беа најефикасни кај МЗТ, додека Бошалески со 19 поени и 9 скока беше најдобар кај составот од Кавадарци. Ова беше претпоследен меч од осмата суперлигашка рунда, која ќе ја затворат Гостивар и Пелистер во меч закажан за од 19 часот.