Рома лесно ја освои Кремона – сега ќе навива за реми во дербито за Милано (ВИДЕО)

Екипата на Рома се искачи на врвот на табелата во Серија А откако убедливо на гости го совлада Кремонезе (3-1) во дуел од 12. коло, резултат со кој барем привремено го презеде првото место и тоа до одигрувањето на миланското дерби.

Тимот на Џанпјеро Гасперини уште од старт го наметна ритамот и веќе во 17. минута стигна до предност. Матијас Суле прецизно ја заврши акцијата што ја иницираше Коне и го отвори патот кон триумфот. Римјаните продолжија да создаваат шанси, а доминацијата ја материјализираа на почетокот од вториот дел, кога Еван Фергусон зголеми на 2-0.

Обидот на Кремонезе да се врати во натпреварот преку офанзивна игра им се врати негативно. Десет минути пред крајот Весли ја казни отворената одбрана и на асистенција на Ел Шарави погоди за уште поубедливо водство. Домашниот тим само го ублажи поразот преку Фолино во судиското надополнување.

Со овој успех, Рома стигна до 27 бодови, два повеќе од Наполи и три од Интер, кој вечерва ќе игра против Милан, меч во кој римјаните ќе навиваат за нерешено.

ФОТО: EPA PHOTO