Арсими сензационално ја потопи Шкендија, Тиквеш му одржа лекција на Башкими (ВИДЕО)

Екипата на Арсими направи уште едно изненадување во дебитантската сезона во фудбалската елита, откако денеска со феноменална игра во второто полувреме го прегази актуелниот првак Шкендија (3-0).

Ова е петта победа за составот од Чегране во досега одиграните 14 меча и тоа со најголемо значење. Клучно за нивниот триумф беше фуриозниот старт на второто полувреме, кога постигнаа два гола во првите пет минути преку Шефит Шефити и Албан Таипи. Потврда на триумфот дојде со третиот погодок постигнат во 75. минута преку Џемиљ Јахији. За тетовци ова е само втор пораз сезонава и тоа во најлош можен момент, пред мечот против Дрита од Конференциската лига, закажан за в четврток на теренот на противникот. Шкендија со овој, релативно непланиран, пораз, дојде на големи минус шест бода зад лидерот Вардар (36).

Убедлив триумф оствари и екипата на Тиквеш, која со идентичен резултат го прегази Башкими (3-0). На оваа средба, пак, пресудно беше првото полувреме во кое кавадарчани ги постигнаа трите гола. Ивановски го отвори резултатот во 17. минута, Стојанов зголеми на 2-0 во 32. минута, за четири минути подоцна Јонус да го постави конечниот резултат. Тиквеш со оваа победа ја „прескокна“ Македонија ЃП и со 15 бода е на осмата позиција на табелата, додека Башкими останува петтопласиран со 22 бода.