Брера го изненади Вардар во Скопје, црвено-црните сакаат одмазда!

Денеска се игра еден натпревар од 14. коло во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), Брера во Струмица го пречекува Вардар, мечот се игра од 13 часот.

Во првиот натпревар оваа сезона Брера како аутсајдер на Градски извади реми играјќи одличен натпревар. Струмичкиот тим се надева дека и овојпат ќе освои бодови.

„Вардар е бренд, има силен тим и доаѓа како лидер на табелата. Но, верувам во моите млади момци, покажавме оваа сезона дека можеме да победуваме и фаворити. Одигравме добро со Шкендија, ја победивме Струга ТЛ, а и со Вардар ремизиравме на првиот меч во Скопје. Знаеме дека нѐ очекува тежок натпревар, но ќе сториме сѐ да стигнеме до позитивен резултат. Дали ќе успееме во тоа, ќе видиме“, вели тренерот на АП Брера, Мартин Алаѓозовски.

Фудбалерот од средниот ред на Вардар, Немања Босанчиќ смета дека ако тие бидат на своето вистинско ниво, ќе ги освојат трите бода од денешниот натпревар.

„Добро работевме во текот на оваа мини репрезентативна пауза. Подготвени сме за овие три последни мечеви од есенскиот дел од шампионатот. Целта секако е јасна, во стил да ја завршиме оваа одлична година за нас. Денеска не чека тежок натпревар. АП Брера не е тим кој треба да се потцени, и нејзиното место на табелата не дава реална слика за силата на овој тим. Тие на неколку наврати сезонава покажаа против повеќе екипи дека се страшно незгодни. Сепак, ако ние сме вистинските денеска, Вардар е тој кој што ќе се радува во Струмица. Се зависи од нас“, рече Босанчиќ.