Фенербахче „плаче“ поради банер на Гробари на кој - Обилиќ го убива султанот Мурат (ВИДЕО)

Челниците на Фенербахче најавија дека ќе поднесат официјална жалба до Евролигата поради кореографијата што навивачите на Партизан ја истакнаа пред синоќешниот дуел во Белград, на која беше прикажан моментот кога Милош Обилиќ го убива султан Мурат во Косовската битка од 1389 година.

Спорниот банер беше подигнат пред почетокот на натпреварот што Партизан го загуби (87-99), а турскиот клуб тврди дека содржината е „контроверзна“ и несоодветна за спортски настан. Како што пренесува Еурохупс, стручниот штаб и раководството на Фенер реагирале веднаш по забележувањето на кореографијата. Од клубот велат дека уште за време на загревањето поднеле сите потребни претставки до локалните власти, но им било соопштено дека банерот ќе остане на трибините.

„Ќе поднесеме жалби до сите надлежни институции веќе в сабота. Играчите дадоа најдобар одговор на теренот. Се надеваме дека ќе им приредиме топло добредојде на реваншот во Истанбул“, наведува Фенербахче во клупското соопштение.