Тренингот пред Ф1 трката во Лас Вегас прекинат поради – подигната шахта (ВИДЕО)

Ландо Норис, го отвори првиот ден на Гран-при викендот во Лас Вегас со најдобро време на тренингот, поставувајќи го најбрзото темпо и покрај двата прекина на сесијата предизвикани од подигнат капак на шахта во последната кривина.

Британецот од Мекларен беше за 0,029 секунди побрз од Кими Антонели во Мерцедес, додека Шарл Леклер со Ферари заврши како третопласиран. Тој ја презеде иницијативата уште од стартот на Ф1-викендот, додека неговиот директен ривал за титулата, Оскар Пјастри, остана далеку назад (14-ти), бидејќи поради црвеното знаме не успеа да состави чист круг на меки гуми. Норис моментно има предност од 24 поени и со победа во Лас Вегас може речиси да ја обезбеди шампионската круна.

Проблемите со шахтата повторно ја актуелизираа безбедносната тема, потсетувајќи на хаотичниот дебитански викенд пред две години. Поради прекините, голем дел од возачите не успеаја да ги одработат своите планови за симулации на трка. Во средината на поредокот се истакнаа Нико Хилкенберг со четврто време за Заубер, како и Хаџар и Лосон од Рејсинг Бул кои влегоа меѓу најдобрите. Топ 10 го комплетираа Расел, Албон, Верстапен и Хамилтон.

Условите на патеката беа далеку од идеални – Верстапен ги опиша како „лизгави и студени“, а Расел предупреди дека Мерцедес тешко ќе ја повтори ланската доминација. Тренинг-сесијата за Леклер заврши со дефект на менувачот. Квалификациите за трката во Лас вегас се возат во ноќта меѓу петок и сабота во 5 часот по македонско време.

ФОТО: X / @Carlossainz55