Трамп и Роналдо го имитираа Артан Груби - „играа“ фудбал во Овалната соба (ВИДЕО)

Американскиот претседател Доналд Трамп објави видео со Кристијано Роналдо, создадено со помош на вештачка интелигенција, кое брзо стана хит на социјалните мрежи, а во кое играат фудбал во Овалната соба во Белата куќа.

Видеото, кое веднаш предизвика бројни реакции, во Македонија може да се искоментира и како копија на тоа што поранешниот вицепремиер, Артан Груби, го правеше во својата канцеларија заедно со други министри од ДИУ дури и без помош на вештачка интелигенција. Трамп под видеото остави и кратка порака, во која го нарече Роналдо „одличен човек“, додавајќи дека му било задоволство да го „сретне“ во Белата куќа.

Објавата доаѓа еден ден по вистинската и изненадувачка појава на Роналдо на свечената вечера во Белата куќа, одржана по историската средба со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман. Фудбалската ѕвезда (40 години) присуствуваше на настанот заедно со својата свршеница Георгина Родригез, во друштво на светски бизнис-лидери. Роналдо беше фотографиран со имиња како Илон Маск и американскиот потпретседател Џеј Ди Ванс.

Внимание привлече и „селфито вредно милион долари“, на кое позираше со Маск и претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, во просториите на Белата куќа.