Јужноамериканците инсистираат: Светското првенство во 2030 со 64 репрезентации

Уште не стивнале реакциите по одлуката на ФИФА да го зголеми бројот на учесници на претстојното Светско првенство на 48 репрезентации, а веќе стигна предлог за ново зголемување и тоа веќе на следниот Мундијал.

Потпретседателот на ФИФА и претседател на јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ), Алехандро Домингез инсистира на шампионатот во 2030 година да учествуваат 64 репрезентација што е безмалку третина од вкупниот број држави, односно селекции на планетата. Неговото барање се однесува само на првенството за пет години бидејќи во 2030 година се одбележува еден век од првиот Мундијал, а како ко-организатори се јавуваат дури шест држави на три континенти: Шпанија, Португалија, Мароко, Уругвај, Аргентина и Парагвај.

„Со оглед на тоа што во 2030 година ќе одбележиме 100 години од првиот шампионат одржан во Уругвај, сметам дека би можеле да направиме нешто единствено. Според мене, тоа би било првенство со 64 земји учеснички. Мислам дека тоа ќе биде единствена можност да го обединиме светот, да ги здружиме луѓето од фудбалот и тоа да биде поинаку од сето досега видено“, смета Домингез според кого од 2034 година бројот на учесници би се вратил на 48.

Неговиот предлог засега нема поддршка од останатите членови на ФИФА, но и од другите конфедерации. Ако тој добие официјална форма, за него ќе одлучува советот на ФИФА кој има 37 члена и се состанува барем два пати годишно. Инаку, неодамна имаше и друга идеха бројот на репрезентации на светските првенства да се зголеми на 64, но почнувајќи од шампионатот во 2034 година.