Aлхасан постигна еврогол, Шкендија го елиминираше Тиквеш (ВИДЕО)

Eкипата на Шкендија е последниот патник во четвртфиналето од Купот на Македонија откако денеска го совлада Тиквеш со 2-0.

Натпреварот не донесе премногу прилики на двете страни, Шкендија ја имаше топката во свој посед, меѓтуоа не создаде премногу шанси. Резултатот беше отворен со еден од најубавите голови сезонава во македонскиот фудбал кој беше дело на Алхасан. Фудбалерот на тетовци фантастично шутираше во завршницата од првиот дел, а топката од пречката заврши зад грбот на голманот на гостите.

Не се промени премногу сликата во вториот дел и тетовци успешно ја чуваа минималната предност, а во судиското продолжение Maзари погоди за потврда на триумфот и пласманот во четвртфиналето.

Пред Шкендија своето место веќе го обезбедија: Вардар, Струга Трим Лум, Силекс, Работнички, како и второлигашите ГФК Охрид, Шкендија Арачиново и Детонит Плачковица.