Меч за историја: Албанците заработија милиони евра само од билети од мечот со Англија!

Неделниот натпревар меѓу Албанија и Англија (0-2) можеби немаше резултатско значење во однос на пласман на СП 2026, но финансиски беше историски, откако нашиот западен сосед инкасираше околу 1,75 милиони евра само од продажба на билети – највисока заработка некогаш остварена во албанскиот спорт.

Според пресметките на „Панорама Спорт“, Албанците собрале 1,754 милиони евра од нешто повеќе од 20.000 билети, вклучувајќи го и секторот за гостински навивачи. Стадионот беше распродаден повеќе од една недела пред мечот. Продажбата се темелела на рекордно високи цени за билетите, кои се движеле од 25 евра (2.000 влезници), преку 33 евра (11.000 влезници), 85 евра (6.000 влезници), 140 евра (2.000 влезници) до 500 влезници по цена од 235 односно 375 евра до речиси 200 влезници по огромни 470 евра.

Фудбалската федерација на Албанија дополнително располагала и со билети што не се пуштаат во јавна продажба, меѓу кои и целиот ВИП-сектор со само 13 места, кои биле најскапи во државата, со што вкупните приходи дефинитивно ќе ја надминат границата од 2 милиони евра.

Овој дуел, без дилема, е најскапиот натпревар во историјата на албанскиот фудбал, далеку над сите претходни по приход од билети, со сума за која, на пример, македонската Куќа на фудбалот не би можела да ја собере дури и вкупно од повеќе квалификациски циклуси.