Ирскиот херој постигна пет гола во два меча, па се расплака – првпат во животот (ВИДЕО)

Напаѓачот Трој Парот (23), стана апсолутен херој на нацијата, откако со пет гола во двата решавачки натпревари против Португалија и Унгарија ја доведе Република Ирска до сензационален пласман во плеј-офот од квалификациите.

Ирците беа речиси отпишани пред последните две кола, со само четири освоени бода и очајна форма во првите три натпревари – два порази (еден од аутсајдерот Ерменија) и реми со Унгарија. Сепак, задачата беше јасна - само две победи против најсилните во групата ги оставаа во игра. Токму тоа и го направија. Најпрво минимално славеа над Ерменија со 1-0, а потоа приредија вистински шок – победа над Португалија со 2-0 и неверојатен пресврт против Унгарија од 1-2 до 3-2, со победнички гол во петтата минута од судиското продолжение.

Главниот актер на ова ирско чудо беше Трој Парот, напаѓач на АЗ Алкмар, кој ги постигна сите пет гола во последните два натпревари – два против Португалија и три на гостувањето кај Унгарија. Особено драматичен беше третиот гол во Будимпешта, со кој Ирска го завери плеј-офот.

„Каква ноќ, каква ноќ, поради вакви моменти го сакаме фудбалот. Не можам да поверувам, навистина не можам. Поради ова го сакам фудбалот, поради него првпат плачам во животот. Горд сум што доаѓам од каде што доаѓам, семејството ми е тука, ова вечерва ми значи сè“, изјави расплаканиот Парот.

Ирска веќе го живее својот сон, а Трој Парот – момчето што двапати ја спасуваше репрезентацијата во рок од неколку дена – стана најголемото име на овие квалификации.

ФОТО: X / @IrelandFootball