Неверојатно: Аматерски тим од Англија во составот има девет ѕвезди од Премиер лигата!
Главната ѕвезда на тимот, Папис Сисе, поранешниот напаѓач на Њукасл Јунајтед, викендов блесна во убедливата победа Јужен Ливерпул (11-0). Иако во почетокот промаши пенал, 40-годишниот Сенегалец се „разбуди“ во второто полувреме и постигна дури шест погодоци, носејќи им лесна победа на ветераните.
Покрај него, дел од екипата се и познатите Емил Хески, Џорџ Бојд, Стивен Ајрланд, Недум Оноха, Дени Дринквотер, Мејнор Фигероа, Џолеон Лескот и Умар Нијасе. Овие фудбалери заедно зад себе имаат импресивни бројки и тоа 1.801 настап во Премиер лигата, 222 постигнати гола и повеќе од 300 настапи за националните селекции.
Иако денес настапуваат во рамките на т.н. „Неделна лига“ – натпревари кои често се играат на локални терени и со опуштена атмосфера – нивното искуство, кондиција и чувство за игра сè уште прават огромна разлика на теренот.