Алкараз се врати на првото место, ама му треба барем финале во Торино за да остане таму
Алкараз сега има 11.050 бода, заедно со оние за вчерашната победа против Де Минор, додека втор е Синер со 10.000 бода. Италијанецот се уште не ја почнал одбраната на титулата, а со оглед на тоа што се наоѓа во многу подобра форма од својот најголем ривал, сепак има шанси да ја заврши 2025 година како лидер.
По услов Синер да ги добие сите натпревари во групата, на Алкараз му е потребен пласман барем во финалето за да се задржи на челната позиција. Шпанскиот ас никогаш досега не стигнал до финале на завршниот турнир што најдобро зборува дека ќе му биде исклучително тешко да го задржи првото место. Евентуален кикс на Алкараз во групата, во која ги има уште Лоренцо Музети и Тејлор Фриц ќе му ја направи пеколно тешка задачата и ќе му треба титула за да остане прв.
Синер се наоѓа во серија од десет победи и на нив загуби само еден сет, освојувајќи притоа две титули во низа. Својот прв меч го има вечерва против Феликс Оже Алијасим кого го совлада пред осум дена во финалето од турнирот во Париз со 2-0.
Значаен прогрес направи и Новак Ѓоковиќ кој се искачи на четвртото место и многу веројатно таму ќе ја заврши годината што ќе му овозможи поповолен распоред на Австралија Опен.