Бобан Грнчаров си поднесе оставка во Македонија ЃП!
Утринава новите газди на Македонија Ѓорче Петров одлучиле да го замрзнат статусот на сите играчи од првата екипа и утрешниот натпревар против Шкендија да го играат со младинци. Ова го направиле без консултација со стручниот штаб.
Грнчаров не се сложил со одлуките на сопствениците и решил да се повлече од тренерската функција, со него од клубот заминува и спортскиот директор, Александар Бајевски.
„Би сакал да ја информирам македонската јавност дека од денеска не сум веќе шеф на стручниот штаб на Македонија Ѓорче Петров.
Од клубот се разделувам со тага и жал, но и горд со сѐ што сторив во овие година и пол, заедно со фудбалерите, тренерите од стручниот штаб и директорот Александар Бајевски.
Откако дојдоа новите газди, се појавија ненадминливи разлики околу концептот на водење на клубот, особено по нивната одлука утрешниот меч со Шкендија да го играме со младинци. Сакајќи да си го оставам образот чист, решив веднаш да се повлечам.
Резултатите кои ги оставам зад мене доволно говорат за мојата работа во Македонија ЃП.
Ланската сезона триумфално минавме низ Втората лига и експресно се вративме во елитата, а годинава успеавме да го стабилизираме клубот во средината на табелата со шанси да се вмешаме во борба за некои од погорните места.
На новите газди и на мојот наследник му посакувам среќа и успех во работата што им претстои“, пишува во соопштението на сега веќе поранешниот тренер на Македонија ЃП.
Транзицијата на сопствеништвото во Македонија Ѓорче Петров донесе бура во клубот. Фудбалерите почнаа штрајк поради неисплатени плати кој го прекинаа само за да го одиграат мечот со Струга. Откако стана јасно дека ситуацијата нема да се реши, играчите го продолжија штрајкот, кој стана веќе тридневен. Новиот сопственик наместо да ја реши ситуацијата, тој со своето однесување ја направи состојбата уште потешка, а сето тоа кулминира со заминување на Бобан Грнчаров и Александар Бајевски.
За целата ситуација утринава имаше реакција и од новите газди кои уште со својот прв потег покажаа непочитување кон нашата земја излегувајќи со соопштение на англиски јазик.