Беќири: Разочарувањето е големо, секунди нѐ делеа од три бода!
Шкендија беше на прагот на втората победа, но Јагелонија се спаси со гол во 100. минута од натпреварот.
„Нормално, разочарувањето е големо, секунди не делеа од три бода. Можеби немавме среќа. Можеби требаше да играме поинаку, сега е друго по натпревар. Како и да е мислам дека немавме среќа во тие последни секунди. Во тие моменти не бевме и поставени како што треба, меѓутоа фудбалот е таков. Минатиот натпревар победивме со гол во последната минута, сега загубивме. Но, во овие европски натпревари за нас се треба да биде еден вид на лекција“, рече Јетон Беќири по натпреварот.
„Од денешниот натпревар бев задоволен, можеби во првото полувреме сакав да бидеме повеќе внимателни. Освен ситуацијата во која примивме гол, тие немаа некоја подобра прилика што значи дека добро одработивме, се до тие моменти кога не бевме најдобро поставени“.
Во финишот од првото полувреме Зејнулаи заработи удар по главата од свој соиграчи и мораше да биде заменет.
„Доби тежок удар со топка, ќе направи контрола и прегледи, но верувам дека ситуацијата е стабилна и дека нема да паузира долго“, соопшти тренерот на Шкендија.
Во следното коло од Конференциската лига, Шкендија гостува кај косовска Дрита. Беќири вели дека тоа ќе биде празник за фудбалот.
„Тоа ќе биде еден добар натпевар против квалитетни екипи кои добо се познаваат, па така и еден празник на фудбалот“.