Спектаклот е во Свети Николе: Работнички и МЗТ можат да сонуваат за ваква атмосфера (ВИДЕО)

Пред 15-тина години, Свети Николе имаше прволигаш, но дури ни тогаш, атмосферата на натпреварите во овој град не беше така спектакуларна како сега.

По настапот во елитната конкуренција, тој тим на Овче Поле згасна, но пред неколку сезони беше формиран нов со истото име, а тој сезонава се натпреварува во Првата лига (втора по ранг бидејќи најсилната се вика Суперлига). Во текот на летото, Овче Поле состави одличен тим, го донесе поранешниот репрезентативец Предраг Пајиќ, ангажира уште неколку искусни кошаркари и „јаготката на шлагот“, американскиот интернационалец Натаниел Семедо. Со тоа Овче Поле ја искористи новата одлука на Кошаркарската федерација, клубовите во Првата лига да можат да ангажираат еден странски кошаркар.

Како резултат на сето тоа, атмосферата на натпреварите во Свети Николе е спектакуларна. Капацитетот на салата не само што е максимално исполнет, туку гледачи има и „на стоење“, нешто со што не можат да се пофалат ни најдобрите клубови во земјава. За добрата атмосфера, особено се грижи навивачката група „Овчари“ која не престанува да го бодри својот тим.

Пеколно беше во неделата кога во Свети Николе гостуваше екипата на Соколи од Штип. Регионалното дерби предизвика големо внимание, а актерите на теренот се погрижија да биде подеднакво интересно и на теренот бидејќи мечот заврши со победа на гостинскиот тим со 112-109, по продолжение. Триумфот го донесе уште еден поранешен репрезентативец – Никола Караколев со тројка во последната секунда.

Семедо одигра извонреден натпревар, постигнувајќи 41 поен, најавувајќи дека ова ќе биде извонредна сезона во Свети Николе.