Младинците на Македонија ја декласираа БиХ на контролката во „Кале“

Македонската младинска кошаркарска репрезентација славеше против Босна и Херцеговина со 85-55 во пријателски натпревар одигран во малата сала на СРЦ „Кале“.

Кошаркарите на селекторот Никола Велев доминираа на паркетот од самиот почеток, па првата четвртина ја добија со 20-9. Македонските играчи ја одржуваа предноста и на полувремето заминаа со 43-34.

БиХ во вториот дел не успеа да фати залет, а тоа го искористи Македонија која го засили темпото и славеше со 85-55.

Најефикасен во победничкиот тим беше Марјановиќ со 16 поени, шест асистенции и четири скокови, додека Димитриев запиша 11 поени и девет скокови.

Македонија и БиХ утре ќе одиграат уште еден пријателски натпревар во „Кале“ со почеток од 18 часот.

Фото: Кошаркарска Федерација на Македонија