„Винисиус не заслужува да има иста плата како и Мбапе!“

Поранешниот фудбалер и директор на Реал Мадрид, Предраг Мијатовиќ, се осврна на актуелната ситуација со платите во „кралскиот клуб“ и застојот во преговорите за нов договор на Винисиус Жуниор.

Според него, „кралевите“ последната деценија мудро управуваа со платниот систем, одржувајќи рамнотежа дури и во времето на ѕвезди како Кристијано Роналдо, Лука Модриќ и Серхио Рамос.

„Реал Мадрид многу добро ги контролираше платите во последните десет години, со обновувањето на договорите на Роналдо, Модриќ и Рамос. Клубот дури и се разделуваше со играчи затоа што не сакаше да учествува во ‘војни’ за тоа кој ќе има повисока плата“, изјави Мијатовиќ.

Тој беше јасен дека Килијан Мбапе со право има повисока заработка од Винисиус.

„Ако Винисиус очекува да биде платен колку Мбапе, тоа е грешка. Мбапе заслужува висока плата зашто дојде без обештетување и Реал не плати трансфер за него“, нагласи Србинот.

Мијатовиќ апелира дека не треба да се создаваат внатрешни ривалства околу платите и препорача играчите да донесуваат рационални одлуки.

„Се е едноставно. Ако си задоволен – остани. Ако не си – барај други начини да заработуваш надвор од клубот“, порача легендата на мадридскиот гигант.

ФОТО: EPA PHOTO