Трајковски: Среќен сум што повторно сум во Палермо!
Враќањето на Трајковски во Палермо беше интересно за тамошните новинари кои веднаш му направија интервју на Македонецот.
„Секогаш е чест да се добие повик од клубот за кој сте играле. Среќен сум што повторно сум во Палермо. Прекрасно е да се биде тука, да ги видам моите поранешни соиграчи и многу луѓе кои направија историја со овој клуб. Палермо е важен дел од мојата кариера и живот“, рече Трајковски.
Македонецот се потсети на најубавиот момент од кариерата во Палермо каде беше четири години.
„Кога опстанавме во последното коло против Верона, тоа беше неверојатна сезона. Се сеќавам на радоста таа вечер, тие емоции ќе ги носам секогаш“.
Трајковски е среќен што клубот го враќа стариот сјај и се надева дека под водство на Инзаги ќе се врати во Серија А.
„Клубот работи многу добро и е сериозно организиран. Среќен сум што Палермо навистина се врати. Се надевам дека ова ќе биде година во која ќе ги видиме повторно во Серија А и фановите ќе бидат среќни. Инзаги веќе ја освојувал оваа лига и може повторно да го направи тоа. Тој е вистинскиот човек кој може да го однесе Палермо таму каде што заслужува да биде“, заврши Македонецот.
Александар Трајковски се уште е без клуб откако се раздели со Хајдук.