Најдовски: Почит за Силекс, но ние сме Вардар!

Денеска со почеток од 17 часот на „Градски“, Вардар и Силекс ќе го затворат 11 коло во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), црвено-црните со победа ќе се вратат на врвот на табелата.

Вардар и Силекс по подолго време играат дерби натпревар за врвот, двата клуба имаат високи амбиции и бележат добри резултати.

Црвено-црните во овој натпревар влегуваат по големата победа над Шкендија среде Тетово со која дополнително си ја зголемија самодовербата.

„Клучна беше тактиката која беше одлично поставена од страна на стручниот штаб. Играта на сите момци кои настапија на овој меч. Заслужено победивме на тој меч“, вели дефанзивецот на Вардар, Филип Најдовски за сајтот на ФФМ.

Тој оваа сезона се врати по долгата пауза поради повреда.

„По долга пауза на секој играч му е потребно време за да се врати во колосек што се вели и да ја достигне потребната форма. Така и јас. Долго време без надвор од теренот, но со напорна работа и тренинзи секако дека може да се дојде до тоа. Јас во ниту еден момент не се сомневав во мојот кам бек. Благодарност до сите кои што работеа со мене во текот на сите овие месеци“, вели Најдовски.

Вардаровиот дефанзивец вели дека денеска против Силекс само победа е опција.

„Ние веруваме во нашата способност да одиме на победа на секој меч. Тоа значи и за овој против Силекс. Респект за противникот, одлично ја стартуваше сезоната, но ова е Вардар. Ние, сите кои што сме дел од клубот во моментов мора да ни е јасно дека овој тим на секој меч мора да оди на победа и дека титулите и пехарите овдека мора да се константа. Победата ќе ни го остави првото место на табелата во наши раце, нешто што е примарна цел секако“.