 
  Васоски: Се враќа старото дерби, Силекс и Вардар се борат за врвот!
Со победи над Тиквеш и Пелистер, Силекс се крена од кризата во која претходно се најде, ја врати самодовербата и повторно е со големи апетити за високите места. Денеска доколку победи во Скопје ќе се израмни бодовно со Вардар.
По подолго време дуелот меѓу Вардар и Силекс е дерби за врвот, како во старите времиња кога двата клуба се бореа за титулата. Тоа го потенцира и тренерот на Силекс, Александар Васоски, кој се надева дека неговиот тим може да ги изненади црвено-црните.
„Ние на овој натпревар влегуваме во позитивна серија, исто и Вардар, и очекувам да биде интересен и квалитетен натпревар. Се враќа старото дерби, двата тима сега се во борба за врвот. Добро се познаваме меѓусебно. И Силекс и Вардар имаат квалитет, и заслужено се во горниот дел на табелата. Очекуваме тежок натпревар, во кој мораме да се надминеме себе си за позитивен резултат. Психолошки и физички сме подготвени за овој предизвик, и сметам дека ако бидеме на нивото и ако имаме добар ден, можеме да го изненадиме Вардар“, рече тренерот Васоски за официјалниот сајт на ФФМ.