Спалети си го погази зборот, ама и ги излажа навивачите на Наполи

Лучано Спалети од синоќа официјално е тренер на Јувентус каде доаѓа на местото на Игор Тудор и ќе го води најтрофејниот италијански клуб најмалку до крајот на оваа сезона.

Ваквиот развој на настаните е изненадувачки за оние што ја следат Серија А бидејќи никој не веруваше дека 66-годишниот стручњак би можел повторно да работи во домашното првенство. Такво нешто изјави и тој во март годинава, додека се уште беше селектор на италијанската репрезентација.

„Наполи е мое последно клупско искуство. Никогаш не би можел да водам друг тим во Италија“, рече тогаш Спалети.

Со Наполи во 2023 година тој го оствари најголемиот успех во кариерата, триумфирајќи во Серија А што е негова единствена титула во италијанското првенство која подоцна ја истетовира на својата рака. Со Зенит од 2010 до 2012 година освои три трофеи во рускиот шампионат, но не можат да се споредат овие две натпреварувања. 

Спалети денеска почнува со работа во новиот клуб, утре ќе дебитира на гости кај Кремонезе, но ќе биде интересно како ќе биде дочекан на 7 декември кога со Јувентус треба да гостува во Неапол.