Талески: Си одам од Вардар - раскинот е договорен!

Кратко траеше враќањето на Филип Талески во Вардар, македонскиот ракометар си заминува од клубот на негово барање иако нема пронајдено нов клуб.

На големо изненадување на навивачите на Вардар, клубот и Филип Талески го раскинуваат договорот. Наводно ракометарот е незадоволен од својата минутажа во нападот, па одлучил да побара да замине.

Во изјава за „МКД хендбал“, Талески потврди дека го раскинува договорот со Вардар, тој не знае која ќе биде неговата следна дестинација.

„Точно е дека заминувам од Вардар, на мое барање. Имавме состанок, раскинот е договорен, останува да го формализираме. Немам нов клуб, засега останувам дома. Ќе тренирам овде додека не се отвори нова опција“, изјави Талески за „МКД хендбал“.

Пред да потпише за Вардар, Талески се поврзуваше со ГРК Охрид, но на крајот се одлучи да се врати во скопскиот гигант, сепак љубовта траеше само два месеци.