
Пелистер на мегдан со европскиот шампион - нема што да загуби, може само да добие
Германците ја почнаа оваа сезона како што ја завршија минатата, со пет победи по ред и со максимални 10 бода се наоѓаат на челната позиција во групата, а ја совладаа и Барселона и тоа во Блауграна во третото коло. Сето тоа, заедно со очигледната разлика во квалитет, ја прави мисијата на Пелистер во Германија невозможна, но во исто време му овозможува на битолскиот тим да одигра натпревар без притисок и да ужива во дуелот со европскиот шампион бидејќи нема што да загуби, а може многу да добие. Во претходното коло нашиот претставник одигра одличен меч против Барселона, долго време беше во игра за изненадување, но доживеа минимален пораз од еден од најдобрите европски клубови.
„Се надевам дека ќе можеме да бидеме уште подобри од мечот со Барселона, затоа што тогаш одигравме одлично. Не бевме перфектни, но бевме близу. Ако не сте компактни и безгрешни против тим како Магдебург, сигурно ќе имате многу проблеми. Ќе видиме кои играчи се најподготвени за настап, нема да ризикуваме со оние што не се 100% фит. Ќе дадеме максимум со кадарот што го имаме на располагање. Сите знаат каков стил негува ривалот, брз, со опасни контри и лесни голови. Ќе се обидеме да ја зграпчиме секоја прилика што ќе ни се пружи“, рече тренерот на Пелистер, Рубен Гарабаја пред денешното гостување.
Магдебург е одличен и во Бундеслигата каде во досегашните осум натпревари оствари седум победи, а направи кикс само во дуелот со Ерланген на гостински терен.
За Пелистер и Магдебург ова не е прва меѓусебна пресметка, се сретнаа и во ЕХФ купот во 2021 година и тогаш Германците остварија две убедливи победи, на домашен терен со 35-24, а во Битола со 32-24. Вечерашниот натпревар почнува во 20:45 часот.