Шелбурн не е првпат во Скопје, беше и пред 25 години и ја однесе победата (ВИДЕО)

Македонскиот првак Шкендија денеска ќе се соочи со ирскиот Шелбурн во второто коло од главната фаза во Конференциската лига.

Тетовци ќе се обидат да стигнат до првата победа во натпреварувањето на УЕФА, но во исто време да ја одмаздат Слога која пред четврт век се соочи со истиот противник. Тоа беше прво и досега последно гостување на Шелбурн во Скопје кое на клубот му остана во прекрасно сеќавање.

Натпреварот се одигра на 12 јули 2000 година во рамките на квалификациите за Лигата на шампионите. Слога, како првак на Македонија, предводена од Ѓоре Јовановски, тогаш беше фаворит на двомечот, но сепак доживеа елиминација поради поразот на домашен терен со 0-1. Единствениот гол беше дело на Ричард Бејкер кој погоди во 85. минута. За Слога играа: Николовски, Јовановски, Штерјоски, Здравевски, Јованоски, Рамадан, Мустафи, Мазнов, Бајрам, Беќири и Пресилски, а во текот на мечот во игра влегоа уште Јаневски, Ардијан Нухии и Рамадани.

На гостувањето во Ирска, Слога беше подобра, но одигра само 1-1 откако Шелбурн поведе преку Хејлок во 67. минута, а израмни Нухии во 81. Поради новиот систем, Шкендија сега нема да гостува во Ирска, но од исклучително значење ќе бидат бодовите од овој меч. Дури 22 сегашни фудбалери на Шелбурн не биле ни родени кога се играше тој двомеч меѓу ирскиот тим и Слога.