Струга оди во Ѓорче, незгодно гостување за Пелистер во Купот на Македонија

На терените низ земјава, попладнево се играат четири натпревари од осминафиналето на Купот на Македонија.

Иако нема класично дерби, се очекуваат неколку интересни пресметки во кои ќе учествуваат поранешни освојувачи на трофејот во ова натпреварување. Пред се, тоа се однесува на Македонија ЃП која има тежок дуел на домашен терен и Пелистер пред кого е незгодно гостување.

Македонија ЃП на својот стадион ќе го пречека финалистот од минатата сезона Струга во можеби најинтересниот денешен меч. Двете екипи веќе се сретнаа оваа сезона, на теренот на Струга во првото коло и тогаш домаќините славеа со 2-0, резултат како и лани во истата фаза од Купот на Македонија.

Пелистер гостува кај амбициозната Шкендија Арачиново која е лидер на табелата во Втората македонска фудбалска лига. Со новиот тренер, битолчани се под императив да победат, но против себе ќе имаат квалитетен ривал, како и жешка атмосфера од домашните навивачи. Пелистер се наоѓа во серија од пет натпревари без победа, а последниот триумф го оствари во претходната фаза од Купот на Македонија, против Тетекс со 2-1, на 3 септември.

Два натпревара од осминафиналето од Купот веќе се одиграа минатиот месец, еден се игра утре, а еден во ноември.

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ
21.10.2025 (14 часот)
Башкими - Силекс
Македонија ЃП - Струга
Работнички - Брегалница
Шкендија А. - Пелистер
22.10.2025 (14 часот)
Вардар - Новаци
19.11.2025
Шкендија Т. - Тиквеш