
Вардар во нова европска авантура – со триумф над Сесвете да се почне настапот во ЕЛ!
Тимот на Иван Чупиќ ја почнува европската авантура со високи амбиции, но и со јасна стратегија – да се оди чекор по чекор. „Црвено-црните“ се решени оваа сезона да се борат за место меѓу најдобрите, откако минатата година не успеаја да ја минат групната фаза во многу поквалитетна конкуренција.
Формата на Вардар во пресрет на европскиот старт влева оптимизам. Екипата има совршен биланс во домашниот шампионат со седум победи од седум натпревари, меѓу кои и триумфи над најголемите конкуренти – Пелистер и Охрид. Иако претсезоната не беше идеална, тимот фати ритам и со право влегува како фаворит против Сесвете.
Победата на отворањето би можела да има големо значење, со оглед дека секој бод во групната фаза може да биде клучен за пласман понатаму. По мечот со Сесвете, Вардар за една недела ќе гостува кај француски Тулуз во второто коло од Европската лига.