„Пикси имаше плата како на 70 хирурзи заедно, а не сакаше никој да го критикува“

Драган Стојковиќ - Пикси ја напушти клупата на Србија по поразот од Албанија, а критики на негова сметка сега изнесе популарниот аналитичар, Раде Богдановиќ.

Според зборовите на Богдановиќ лошата игра на Србија не е изненадување за оние кои подолго време ја следат репрезентацијата.

„До оваа ситуација дојдовме по низа години лошо работење. Ова не е изненадување за луѓето кои ја следат репрезентацијата. Долго време веќе играме лошо, уште од Светското првенство, па до денес. Селекторот не направи никаков систем на игра“, смета Богдановиќ.

Додаде и дека Пикси не бил отворен за критика, иако имал поддршка од сите структури.

„Неговата плата беше иста како на 70 хирурзи од најдобрата хируршка клиника во Белград. Затоа и мораше да прифаќа критики. Со него низ репрезентацијата поминаа многу фудбалери, толку многу што веќе и заборавив на неколку од нив“, додаде Богдановиќ.

Најавите од српските медиуми се дека нов предводник на Србија ќе биде стратегот на Црвена Звезда, Владан Милојевиќ.