
Сензацијата е комплетирана: Квалификантот Вашеро го освои Мастерсот во Шангај
На патот до својот најголем успех во професионалната кариера, 28-годишникот ги победи Ѓере, Бублик, Махач, Грикспор, Руне и Ѓоковиќ, а во финалето со 2-1 (4-6, 6-3, 6-3) беше подобар од Риндеркнех. Да биде уште поинтересно, тој на турнирот влезе како квалификант што дава дополнителна тежина на големиот успех.
Со овој триумф, Вашеро стана најлошо пласиран тенисер (204. на АТП листата) кој триумфирал на еден Мастерс турнир, надминувајќи го рекордот на Борна Чориќ кој во Синсинати во 2022 година ја освои титулата од 152. место. Воедно, тој е трет квалификант кој освои Мастерс титула, по Роберто Каретеро во Хамбург во 1996 и Алберт Портас на истото место во 2001 година.
За трофејот во Шангај, тенисерот од Монако освои 1.020 бода и оствари напредок од 164 места, па од утре ќе биде 40. на АТП листата.