Ангеловски дебитираше на Кипар со победа против Јаневски (ВИДЕО)

Етникос Ахна ја победи Красава со 1-0 во дебито на Игор Ангеловски, во рамките на шестото коло од кипарското првенство.

Тоа беше и пресметка на двајцата поранешни селектори на Македонија имајќи предвид дека на клупата на Красава е Чедомир Јаневски кој го предводеше националниот тим од септември 2012 до септември 2013 година. Вистинска драма се случуваше во второто полувреме од натпреварот откако првото помина во мирна игра на двете страни.

Голот за победа го постигна Ломотеј во 77. минута по што Красава остана со фудбалер помалку откако во 86. минута беше исклучен Де Лукас. Во судиското продолжение Етникос имаше шанса да дојде и до поубедлива победа, но Андереген промаши пенал.

По шест кола Етникос е на петтата позиција на табелата со 11 бода, додека Красава е осмопласирана со седум. Јаневски е тренер на Красава од почетокот на оваа сезона, а Ангеловски беше промовиран во Етникос пред четири дена.