Дерби на Градски: Вардар против Струга во дуелот на непоразените

Со два натпревара, денеска продолжува деветтото коло од Првата македонска фудбалска лига, а дербито е од 15 часот на Градскиот стадион во Скопје каде Вардар ќе ја пречека Струга.

Освен што ова е дуел на поранешни шампиони на Македонија, тоа ќе биде и пресметка на најефикасните тимови во досегашниот дел од сезоната и на две од трите непоразени екипи по првите осум кола. Струга во моментов е лидер со 22 бода и биланс од седум победи и едно реми, додека Вардар го дели второто место со Шкендија, со шест победи и два нерешени резултати, против Брера и Башкими.

Двете екипи имаат по 20 постигнати голови, со тоа што мрежата на Струга се тресеше само три пати во претходните осум кола, а среќа да ја погодат имаа Арсими, Шкендија и Силекс. Меѓу другото, ова ќе биде и дуел на двајцата најдобри стрелци во македонското фудбалско првенство, африканците Компаоре и Мато кои постигнаа по осум гола во досегашниот дел од сезоната.

Standings provided by Sofascore

Последната пресметка на Вардар и Струга датира од мај годинава кога во финалето од Купот на Македонија, „црвено-црните“ на истиот стадион славеа со 2-0. Херој на Вардар тогаш беше Талевски кој сезонава се уште нема ниеден постигнат гол во Првата лига.

Во истиот термин, од 15 часот, во Кратово се игра и вториот натпревар од денешната програма, меѓу Силекс и Тиквеш.