Кејн доби неморална понуда од Блискиот Исток – 100 милиони евра по сезона!

Англискиот напаѓач, Хари Кејн, повторно е во центарот на вниманието – не само поради импресивната голгетерска серија со Баерн Минхен, туку и поради астрономската понуда што на негова адреса пристигнала од Саудиска Арабија.

Според информациите на германскиот „Билд“, Ал Хилал подготвува договор кој би го направил Кејн најплатениот играч во историјата на клубот. Саудискиот гигант нуди 100 милиони евра по сезона во следните три години, што е вкупно 300 милиони евра за англискиот капитен. Во договорот на Кејн со Баерн постои клаузула што му овозможува да си замине во 2026 година доколку некој клуб плати 65 милиони евра – сума која не претставува пречка за богатите сопственици на Ал Хилал.

Иако Кристијано Роналдо во Ал Наср заработува повеќе од двојно, понудата за Кејн сепак е осум пати поголема од сегашната плата што ја добива во Минхен. Саудијците се решени да го доведат и да ја заокружат својата ѕвездена колекција. Одлуката ќе зависи од тоа дали Кејн ќе остане верен на спортските цели со Баерн и борбата за титулата во Лигата на шампионите, или ќе ја прифати можноста за решавање на финансиското прашање за неколку поколенија.

Англичанецот сезонава игра во неверојатна форма – на само девет натпревари има постигнато дури 17 гола, со што уште еднаш ја потврдува својата светска класа.