
Ѓоргиев: Во Бугарија ќе се бориме за нешто историско за нашата Македонија!
Тој реално прави споредба на случувањата од пред пред три години, кога нашата држава беше еден од домаќините и имаше далеку подобар рејтинг и сега, кога сме меѓу најголемите аутсајдери.
„Македонија на ова ЕП влегува без еуфорија и големи очекувања, како што беше во 2023 кога бевме домаќини. Тогаш имавме и повеќе среќа во ждрепката, а и групата беше посоодветна на нашиот тогашен рејтинг. Сега сме најслабо рангирани и свесни сме дека сите ќе гледаат на нас како на тотален аутсајдер“, изјави Ѓоргиев.
Предводникот на националниот тим истакна дека групата е една од најтешките на првенството, со два големи фаворити.
„Бугарија и Полска се јасни фаворити, но тука се и Украина, Португалија и Израел – репрезентации со кои ќе водиме големи битки. Португалија играше во осминафинале на Светското првенство и ја елиминираше Куба, што доволно говори за нивото. Но, никој не може да ни забрани да сонуваме за осминафинале“, додаде тој.
Ѓоргиев нагласи дека искусниот состав на Македонија знае како да се справи со предизвиците и притисокот.
„Ќе влеземе со поинаква математика – да си ја играме нашата игра, да си ја гледаме нашата работа и да сонуваме. Имаме три Европски првенства зад нас, знаеме како е и да се победува и да се губи. Од осминафиналето во претходното ЕП извлековме важно искуство“, рече капитенот.
На крајот, Ѓоргиев потенцира дека целта е јасна – да се даде максимум без преголема еуфорија.
„Групата е тешка, но имаме шанси за нешто историско. Самото тоа што сме дел од уште едно Европско првенство е големо задоволство. Потешко можеше, а можеше и полесно, но важно е да сме живи, здрави и сплотени – тоа е нашата најголема сила“, заклучи Ѓоргиев.
Македонските одбојкари своите средби на ЕП 2026 ќе ги играат во Варна.