Ѓоковиќ им се смее на колегите: Се жалат на згуснатиот распоред, а играат егзибиции

Новак Ѓоковиќ го очекува стартот на својот настап на Мастерсот во Шангај, а пред да почне, се осврна на коментарите на некои свои колеги.

Како ветеран во светот на тенисот, Ѓоковиќ добро знае колку е тежок распоредот на турнирите, но од друга страна смета дека помладите тенисери денес не се ангажираат доволно.

„Играчите се жалат на распоредот, коментираат во медиумите, но не разбираат дека мораат да вложат енергија. Можност за избор и натаму постои. Постојано се жалат на згуснатиот распоред, но од друга страна се пријавуваат на егзибициски турнири и тоа е малку контрадикторно. Точно е дека постојат правила, но тие се поради бонусите. Секогаш можеш да се откажеш од бонусот, но тоа е избор кој треба да го направат“, смета Ѓоковиќ.

Најконкретен пример за контрадикторноста на тенисерите е оној на Алкараз кој го откажа настапот на Мастерсот во Шангај поради замор, но ќе игра на егзибицискиот турнир „Шест крала“ што се игра за две недели во Саудиска Арабија каде победникот ќе заработи шест милиони долари.