Алкараз „побегна“ од пресметката со Ѓоковиќ на мастерсот во Шангај!

Најдобриот светски тенисер во моментов, Карлос Алкарас, нема да настапи на претстојниот мастерс турнир во Шангај, кој ќе се одржи од 1 до 12 октомври и тоа поради потребата од одмор и целосно опоравување, а само ден откако дојде до својот 24. трофеј во кариерата.

Ова значи дека нема да дојде до уште една негова епска пресметка против Новак Ѓоковиќ, кој ги пропушти турнирите по Ју-Ес опен и за кого ова ќе биде враќање на терените. Отсуството на Алкарас истовремено отвора простор за поголема неизвесност во трката за првото место на АТП-листата. Иако има солидна предност пред Јаник Синер, доколку Италијанецот успее да ја одбрани титулата од минатата сезона, разликата на врвот може значително да се намали.

Ѓоковиќ во Шангај е во истата половина од ждрепката како и Синер. Српскиот ас, кој четирикратен победник на турнирот (2012, 2013, 2015 и 2018), во првото коло е слободен, а во второто ќе го очекува победникот од дуелот помеѓу Марин Чилиќ и Корентен Муте. Слична е ситуацијата и за Синер, кој исто така стартува од второто коло, каде ќе игра против подобриот од квалификант и Германецот Даниел Алтмајер.

ФОТО: EPA PHOTO