Алексовска ќе атакува на злато за Македонија на СП во мешани боречки вештини!

Македонската натпреварувачка во мешани боречки вештини (ММА), Даниела Алексовска, ќе настапи на Светското првенство (СП) во Тбилиси (27 септември - 2 октомври) и тоа во категоријата до 52,2 килограми, каде што во моментов е третопласирана на светската ранг-листа.

Таа местото меѓу најдобрите го заслужи со златниот медал на Европското првенство оваа година, а сега ќе се обиде да направи нов исчекор во кариерата и да стигне до светска титула. Во групната фаза ќе се сретне со противнички од Украина, Казахстан, Мексико и Азербејџан. За македонската натпреварувачка ова ќе биде втор настап на светски шампионат, откако лани во Узбекистан освои бронза.

Алексовска се наоѓа во одлична форма – пред две недели славеше уште во првата рунда на „Армада 14“ во Скопје. Во Грузија таа ќе настапи заедно со својот тим во кој се претседателот на Македонската ММА федерација, Ивица Алексовски и главниот тренер Стефан Пецевски.