Бизарно: Прелета 9.000 километри, плати 900 фунти за карта и – не го пуштија на стадион!

Јужнокорејски навивач, кој прелета речиси 9.000 километри за да го гледа својот омилен Тотнем на гостувањето кај Брајтон, останал пред вратите на стадионот и покрај тоа што платил 900 фунти за билет.

Причина за тоа е што картата што ја купил преку неовластена интернет-страница била - неважечка, објави Би-Би-Си. Истата судбина ја доживеале повеќе од 100 навивачи на истиот натпревар. Во Велика Британија препродажбата на билети е незаконска, но бројни страници регистрирани во странство го заобиколуваат законот.

Истрагата на Би-Би-Си покажала дека препродавачите користат ботови и лажни идентитети за да дојдат до стотици карти, кои потоа ги нудат по астрономски цени. Брајтон оваа сезона воведе посебна служба за спречување на нелегална продажба. На натпреварот против Тотнем биле блокирани 285 билети, а 12 сопственици на сезонски карти биле идентификувани како препродавачи и санкционирани.

Премиер лигата најави воведување дигитални билети со шифрирани баркодови за да го намали проблемот.