„Мислев дека ќе се вратам во Португалија поради репрезентацијата“

По повеќе од две децении откако замина во странство, Мурињо се врати во татковината и од пред неколку дена е тренер на Бенфика каде во 2000 година го имаше првиот ангажман како главен тренер.

Тогаш апсолутно непознат за пошироката фудбалска јавност, сега еден од најдобрите тренери на сите времиња. Вчера Бенфика гостуваше кај АФС и победи со 3-0, а по мечот Мурињо истакна дека не очекувал на ваков начин да се врати во Португалија.

„Искрено, секогаш сметав дека повторно ќе работам во Португалија, но мислев дека тоа ќе биде за да ја преземам репрезентацијата. Постојано верував дека ќе дојде повик од Федерацијата, порано или подоцна. Мислам дека тоа требаше да биде следен чекор во мојата кариера, но се појави Бенфика и не можев да одбијам“, рече Мурињо.

Со Бенфика тој ќе настапува во Лигата на шампионите оваа сезона, во обид да направи уште една сензација, како таа со Порто, а времето ќе покаже дали кариерата навистина ќе ја заврши како селектор на Португалија.