Актуелниот ракометен шампион Пелистер освои голем бод на тешкото гостување кај Алкалоид во Автокоманда, откако во последните секунди од мечот преку Хосни погоди за 33-33.

Пелистер го отвори резултатот на мечот, но набрзо Алкалоид го сврте во своја корист и поведе со 6-4. Битолчани ги корегираа грешките во нападот и ја подобрија одбраната, а тоа резултираше со израмнување (14-14) и возбудлива завршница на првото полувреме кое заврши во корист на екипата од Автокоманда (15-14).

Алкалоид имаше одличен почеток на второто полувреме и се „одлепи“ на четири голови предност (19-15), но Пелистер успеа да фати приклучок и да намали на 20-21. Во продолжение од средбата се играше „гол за гол“, а во самиот финиш скопскиот тим влезе со водство од 31-30.

Голема драма се случуваше во последната минута од натпреварот, каде што Алкалоид не искористи шанса за водство од два гола, по што Пелистер преку Хосни погоди за реми (33-33).

Бодот е од огромна важност за „зелено-белите“, кои не беа во поволна позиција во второто полувреме против Алкалоид, меѓутоа и покрај негативата од четири гола на крајот се спасија од поразот.

Во вториот меч вечерва во ракометната Суперлига, Пелистер 2 успеа да слави против Куманово со 30-28.

По три одиграни кола во Суперлигата, Вардар е прв со шест бодови, додека Пелистер има пет поени, а по четири имаат Бутел, Алкалоид и Пролет.