Воена состојба во Рим – 1.500 полицајци против хулиганите на Рома и Лацио!

Рим денеска е под силни безбедносни мерки во пресрет на „Дерби дела Капитале“ помеѓу Лацио и Рома, натпревар што започнува во 12.30 часот и е прогласен за настан со највисок безбедносен ризик.

Италијанските власти ангажираа повеќе од 1.500 полицајци, карабињери и специјални единици за да спречат евентуални судири, бидејќи во градот пристигнаа навивачки групи од цела Европа, меѓу кои и „делегации“ од Хрватска, Грција, Шпанија, Полска, Бугарија, Германија и Англија. Според „Газета дело Спорт“, на јужната трибина на Рома ќе им се приклучат навивачите на Панатинаикос, Атлетико Мадрид и на Динамо Загреб. На северната трибина на Лацио, пак, поддршка ќе дадат навивачи на Локомотива Лајпциг, Висла Краков, Левски Софија и англиската група од Вест Хем.

Последното римски дерби во април се претвори во улична војна со 24 повредени полицајци и шест уапсени хулигани. Како реакција, властите донесоа одлука денешниот меч да се игра во дневен термин, за да се избегнат нереди во ноќни услови. Одлуката предизвика жестоки критики, а тренерот на Лацио, Маурицио Сари, ја оцени како „пораз за фудбалот и државата“, нагласувајќи дека играњето на висока температура ќе го уништи темпото на натпреварот. Градскиот советник, Алесандро Онорато, исто така ја нарече мерката „срамна капитулација“.

Безбедносните подготовки се детални: специјални тимови уште од саботата ја чистат околината на „Олимпико“ од скриено оружје и пиротехника, хеликоптери и дронови ќе вршат надзор од воздух, а навивачите на двата тима ќе бидат строго разделени со различни рути и паркиралишта.

Овој дерби има значење поголемо од градскиот престиж. Италија ја гледа организацијата на мечот како тест за својата кандидатура за Европското првенство 2032. Секој инцидент би можел да ја компромитира шансата на земјата да биде домаќин.