Реал Мадрид пак ќе ја бојкотира Златната топка

Лутината од минатата година очигледно уште не поминала во Реал Мадрид и претставници на клубот повторно нема да има на утрешното доделување на Златната топка.

Тогаш „кралевите“ беа лути што наградата не отиде во рацете на Винисиус, туку ја освои Родри, па експедицијата во последен момент го откажа патувањето за Париз и со неколку бесни соопштенија го обвини Франс фудбал дека не го почитува клубот. Пред неколку дена беше објавено дека Франс фудбал се обидува да ги изглади односите со Реал, но очигледно тоа не било успешно и Реал утре повторно нема да има свои претставници на церемонијата.

Од клубот има дури седуммина кандидати за признанијата што се доделуваат, но тоа што Реал не патува, секако значи дека никој од нив нема да биде добитник. За Златната топка во машка конкуренција се номинирани Мбапе, Белингам и Винисиус, кај дамите е Вир, а Куртоа е во борба за признанието за најдобар голман „Лев Јашин“.

Церемонијата на доделување на Златната топка ќе се одржи утре од 19:45 часот во Париз, а најголеми фаворити за признанието се Усман Дембеле од ПСЖ и Ламин Јамал од Барселона.