Фудбалерите на Пелистер доживеаа уште еден убедлив пораз во низа и по дебаклот од Арсими на домашен терен денеска загубија од Работнички во Скопје со 3-0.

Пелистер можеби одигра нешто подобро за разлика од дуелот со Арсими, но битолчани правеа грешки во одбраната кои домаќините знаеа да ги користат.

Резултатот беше отворен по половина час игра кога Кадриу искористи едно одлично додавање во простор и стрелаше за 1-0. Во финишот од полувремето новото засилување на дебармаалци, Димитар Трајков се погрижи за 2-0.

Во второто полувреме Работнички не дозволи Пелистер серозно да ја загрози предноста, а конечните 3-0 ги постави Кадриу со својот втор гол на 15-тина минути до крајот, втора асистенција запиша Трајков.

За Работнички ова беше прв триумф во сезоната со што дојде до четири бода со кои се наоѓа на претпоследното место на табелата и зад нив е само Шкупи кој е без бодови.

Во вториот натпревар кој се играше во истиот термин токму Арсими доживеа убедлив пораз на свој терен од Вардар со 1-4. Херој на Вардар беше Роџерс Мато кој постигна хет-трик. Не помогна за Арсими ниту тоа што во вториот дел исклучен беше Филип Најдовски по еден час игра.

Единствениот гол за домаќините беше дело на Рамадани од слободен удар, а мрежата на Вардар се тресеше и уште еднаш, но тој погодок на Таипи беше поништен.

Со овој триумф Вардар дојде до 16 бода со кои се израмни со Струга на врвот. Ќе потсетиме, стружани вчера ремизираа во дербито со Шкендија 1-1.