Непоразениот Силекс на гости во Куманово, Македонија брка прва победа во Ѓорче!

Шестото коло од Првата лига почнува денеска со натпреварите помеѓу Силекс против Башкими во Куманово, односно Македонија ЃП против Брера.

Кратовци се единствениот тим со максимални пет победи и важи за фаворит на гостувањето кај Башкими. Екипата на Александар Васоски има најдобар напад во лигата со просек од три гола по натпревар и само еден примен погодок досега. Кумановци, пак, влегуваат во дуелот со две последователни загуби, но со желба да го изненадат лидерот.

„Не чека тежок меч со цврст противник. Иако Башкими има два пораза по ред, тоа е тим кој на моменти знае да биде и подобар од ривалите. Нема потценување, ќе се обидеме да ја наметнеме нашата игра и да стигнеме до нова победа“, изјави стратегот на кратовчани, Александар Васоски.

Ѓорчепетровци имаат императив да слави против Брера по бледиот старт и тежок распоред на почетокот од сезоната. Домашниот терен, според „лавовите“, е дополнителен мотив за првиот триумф пред својата публика.

„Резултатски немавме успех, но играта и тимскиот дух се движат нагоре. Имаме квалитетен состав и верувам дека најдоброто допрва доаѓа“, изјави голманот Ристе Јанков.

Брера, пак, минатото коло ја запиша првата победа во шампионатот против Шкупи, а новиот тренер Мартин Алаѓозовски верува дека неговите фудбалери можат да приредат ново изненадување.

„Триумфот ни даде самодоверба. Македонија ЃП е силна дома, но ние ќе се обидеме да извлечеме поволен резултат“, истакна Алаѓозовски.

Натпреварите Башкими – Силекс и Македонија ЃП – Брера се играат денеска од 15.30 часот.