Циндриќ се сеќава на Металург: Дотогаш ја гледав Барса само на ТВ, а потоа...

Хрватската ракометна ѕвезда, Лука Циндриќ на светот му се претстави од Македонија, најпрво играше во Металург, а потоа во Вардар со кој ја освои и Лигата на шампионите.

Циндриќ на конференцијата „Handball Talks“ зборуваше за неговото доаѓање во Металург, момент кој никогаш нема да го заборави.

„Во Металург дојдов како непознат, како дете кое треба да го замени Наумче Мојсоски кој тогаш нажалост се повреди на полусезона. Никогаш нема да заборавам, пример, една недела пред да дојдам во Металург, ги гледав своите идоли на телевизија, а потоа веднаш игравме против Барселона. Тоа никогаш нема да го заборавам, јас играм против тим каков што е Барселона, која пред еден месец ја гледав на телевизија. Тоа е оној прв момент кој го имав, уште и победивме на тој натпревар, а јас дадов седум голови. Тој момент никогаш нема да го заборавам затоа што секогаш сонував за тие големи работи, дека јас тоа го можам, но сепак ми делуваше некако незамисливо. А кога тој момент стана реалност, ми го даде тоа посебно чувство. Сите се плашат од Карабатиќ, јас одам на него во напад и го чувам во одбрана. Не знам што беше во тој момент, но на теренот бев апсолутно горд и среќен што бев дел од сето тоа“, вели Циндриќ.