Варди пристигна во Италија: Ми кажаа дека ова е мирен град, а тука е сè освен мирно

Џејми Варди во текот на вчерашниот ден беше претставен во Кремонезе и така сезонава ќе има прилика за првпат да игра во Италија откако го напушти Лестер по истекот на договорот.

Во Кремонезе 38-годишниот напаѓач пристигна без отштета, а првите впечатоци од клубот и градот за него се позитивни.

„Чувството е фантастично. Ми зборуваа дека ова е мирен град, а тука првите денови беше сè освен мирно...Многу е забавно, запознав многу навивачи кои ме запираа секаде. Импресивно. Од техничка страна нема никакви проблеми, фудбалот е заеднички јазик и преку топката се разбираме“, порача Варди.

Откри Варди дека како помлад бил фан на Серија А.

„Кога бев помлад секогаш ја следев Серија А. Станува збор за едно од најдобрите првенства во светот, тактички е потешко од англиското, но играв кај Енцо Мареска кој има сличен стил. Раниери? Не сум разговарал со него, но ќе разговарам, тој е некој кој може да ми помогне“, истакна голгетерот.

Легендата на Лестер има и фудбалер од Италија на кој посебно му се восхитувал.

„Често го гледав Дел Пјеро и неговите голови. Неверојатен фудбалер“, истакна Варди.