
„Натпреварот со Лихтенштајн ни е најважен во квалификациите“
Македонија на 4 септември ќе се сретне со Саудиска Арабија во Прага, а три дена подоцна во Скопје ќе гостува Лихтенштајн.
„Натпреварот со Саудиска Арабија ќе го искористиме за проверка на она што го имаме како потенцијал, за оние играчи кои немаат поголема минутажа во националниот тим. Планираме да пробаме некои тактички варијанти, некои играчи ќе играат на неприродни позиции за нив. Ќе видиме дали тоа ќе вроди со плод и колку позитивно ќе донесат тие промени. Вториот натпревар (против Лихтенштајн н.з.) е можеби најважниот за нас во овој циклус. Максимално го респектираме противникот, сериозно се подготвуваме и се надевам дека момците ќе бидат на висина на задачата, како што беа и досега“, рече Милевски.
За овие натпревари тој повика и двајца дебитанти, Решат Рамадани од Шкендија и Елмин Растодер од Тун.
„Решат Рамадани со своите игри на меѓународна сцена со Шкендија сосема го заслужи овој повик. Таков тип на играч ни е потребен во националниот тим, но од него зависи колку ќе се наметне и колку ќе биде корисен. Ќе добие шанса за да докаже колку ќе биде тактички, физички и ментално спремен. Што се однесува за Растодер се надевам дека со него ќе добиеме на квалитет во нападот. Игра одлично оваа сезона во Тун, а ништо помалку квалитетни не му беа настапите и во минатиот шампионат“, додаде предводникот на националниот тим.