Англичанец доби забрана за влез на сите стадиони поради – расистички навреди!

Навивачот кој на натпреварот помеѓу Ливерпул и Борнмут на „Енфилд“ упати расистички навреди кон гостинскиот фудбалер, Антоан Семењо, доби забрана за присуство на сите фудбалски стадиони во Велика Британија, соопшти полицијата.

Станува збор за 47-годишен жител на Ливерпул, кој веднаш бил отстранет од трибините, а ден подоцна приведен. Тој е пуштен од притвор со мерка што му забранува да присуствува на „било кој фудбалски натпревар во Обединетото Кралство“, како и да се приближи на помалку од 1,6 километри од било кој стадион на кој се игра некоја средба.

Истражните органи нагласија дека случајот е сè уште во постапка и дека тесно соработуваат со клубот. Инцидентот се случи во 29. минута од мечот (4-2), кога ганскиот интернационалец Семењa ги пријави навредите. Тој беше стрелец на двата гола за Борнмут и подоцна изјави дека настанот ќе го памети цел живот, не поради навредите, туку поради солидарноста која ја добил од целата фудбалска заедница.

ФОТО: EPA PHOTO