Одбојкарите имаат само една опција за пласман на ЕП - максимална победа над Грузија!

Македонската одбојкарска репрезентација вечерва со почеток од 20 часот го игра клучниот меч за пласман на Европското првенство, во СЦ „Борис Трајковски“ ја пречекуваме селекцијата на Грузија.

Македонија брка настап на четврто последователно учество на Европско првенство. А, за да дојдеме до таков успех потребно е да ја победиме Грузија без загубен сет.

За да се пласираме на Европското првенство, потребно е да бидеме една од петте најдобро второпласирани селекции од седумте групи. 

Ако ја победиме Грузија со максимални 3-0, би се израмниле на петтото место со Австрија со ист сет количник, 7-6. Па би одлучувале поените.

Поен количникот на Австрија е 285-271 (+14), на Македонија е 219-211 (+8). Тоа значи дека потребно ни е да ги добиеме Грузијците со барем седум поени разлика низ трите сета, што е многу извесно доколку го добиеме натпреварот со 3-0 во сетови.

Теоретски шанси за пласман на петтото место има и Норвешка која доколку победи со 3-0 во Подгорица исто така би се израмнила со сет количникот, но има многу лош поен количник, па треба чудо да се случи за тие да се најдат на Европското првенство.

Натпреварот меѓу Македонија и Грузија почнува од 20 часот, на одбојкарите им е потребна поддршка од полна сала.